Историја

Image

Историјат

Основното училиште „Свети Кирил и Методиј” во Скопје е најстаро училиште во Република Македонија со непрекината воспитно образовна дејност на мајчин македонски јазик во текот на 180 години (од далечната 1836 година до денес). Формирањето на основното училиште „Свети Кирил и Методиј” претставува значаен настан во културната историја на македонскиот народ. Неговото основање го означува макотрпното опстојување на македонскиот народ во борбата за одгледување и зачувување на својата самостојност и за развојот на сопствена македонска писменост и култура. Со неговото отворање започнува една нова епоха, епоха на борба за изразување на творечките вредности на македонскиот народ.

Период 1836-1963

Во 30-тите години на XIX век дошло до отворање на првото училиште во Скопје, кое било ќелијно во дворот на тогашната новоизградена црква „Св. Богородица”. Прв и главен учител бил Павле Хорват, Хиландарски монах од дебарскиот манастир. Со отворањето на училиштето за прв пат децата на скопјаните можеле да учат на својот мајчин македонски јазик. Започнала борбата на Македонија против ширењето на грчкиот јазик и просвета. Училиштето го добило името на Светите солунски браќа на 11 ти мај 1858 г. кога е одржана првата прослава во нивна чест. Во 1848 година по покана на градските прваци во Скопје доаѓа познатиот преродбеник и просветител Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Тој го отвора првото световно училиште со настава на македонски јазик. Неговото доаѓање означува пресвртница за просветно-културниот и националниот живот во Скопје. Тој ги разделил учениците по одделенија, вовел клупи и современи наставни средства (заемни таблици, песочница, географска карта, глобус и др.) Првата учулишна зграда била во употреба се до 1903 година, кога на истото место била изградена нова во која ќе се изведува настава се до катастрофалниот земјотрес во 1963 та година.

Период 1945 -1990 година

По ослободувањето на Скопје на 13 Ноември 1944 година училиштето продолжило со работа. 475 ученици од прво до одделение за прв пат ја следеле наставата на македонски литературен јазик. Следната 1945/46 година основан е пионерскиот одред „Хрисијан Тодоровски -Карпош”, а почнува да работи и училишната кујна. Во учебната 1948/49 година кон ОУ„ Св. Кирил и Методиј” се присоединува ОУ„Рајко Жинзифов”. На 24 јули 1962 година кон ОУ„ Св. Кирил и Методиј” било присоединето и училиштето „Цветан Димов”. Бројот на учениците се зголемил на 1300 ученици, распоредени во 37 паралелки од I-VIII одделение. 26 јули 1963 година се случува катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој коренито изменил многу работи. Многу жители го напуштиле градот и се населиле во новите градски населби, што резултирало со намалување на бројот на учениците во следната 1964 година на 541 во споредба со претходната кога имало 1300 ученици. На 28 декември 1964 година на местото на старата зграда урната во земјотресот почнува да работи новата со 24 училници во кои учеле само ученици од V до VIII одделение. Во 1970 година поради целосно менување на урбанистичкиот план во овој дел на градот и изградба на народнатаи универзитетска библиотека урната е и фискултурната сала, проблем кој до денешен ден се решава со адаптирање на две училници со помошни простории. Во учебната 1973-74 година училиштето го променува своето име во Кирил и Методиј губејќи го зборот „Свети” за повторно да го врати на 19. Мај 1993 година. До учебната 1975/76 година во нашето училиште се школувале вкупно 16260 ученици. Исто така за истакнување е тоа што во учебната 1979/80 година покрај дневниот престој, се организира и целодневна настава за учениците од I и II одделение, а веќе за учебната 1989/90 година, таа се организира за учениците од I до V одделение во две паралелки.

Период 1990-2006

Третиот период од постоењето на нашето училиште се карактеризира со голем број на промени во начинот на неговото функционирање. Со распадот на СФРЈ доаѓа и промена на името на нашето училиште, па така од 1993 година на свечената седница се пререгистрирува во „Свети Кирил и Методиј” – Скопје. Во склоп на училиштето работи и училишната библиотека, формирана уште во времето на Ј.Х.К. Џинот. Училиштето е опремено и со училишна кујна, во која се подготвуваат оброци за учениците од целодневна настава и ужинки за учениците од предметната настава. Истата е формирана во 1970 година. Во средината на XX век, поточно во 1963 година, училишната зграда била разурната во земјотресот, но следната година 1964 год. изградено е ново училиште од тврда градбa. Лоцирано е на улицата „Филип Втори Македонски” б.б. Има прекрасна местоположба од левата страна на реката Вардар и е синоном за успешно опстојување низ вековите, а наставниот кадар и учениците нижат успеси преку разни проекти во државата и во светски рамки.

Период 2007-2014

Нашето училиште бележи континуиран воспитно-образовен процес, сто седумдесет и седум години, а наставата се изведува на македонски јазик. Од учебната 2013/2014 година училиштето воведува меѓународно образование, водено од целите, мисијата, профилот на ученик и програмата на International Baccalaureate Organization (позната како IB).