Светите Кирил и Методиј
Животот и делото на солунските браќа Светите Кирил и Методиј, потврдува дека со право се наречени Рамноапостоли, Сесловенски Просветители и заштитници на цела Европа. Родени се во градот Солун од мајка Марија по потекло македонка и татко Лав по потекло грк, кој што бил висок државен раководител во тогашна Византија.
Св. Методиј е постар и роден е 816-та или 817-та година, а Константин (подоцна Кирил) во 827-та година. Основното образование го добиле во родниот град а средното и високото во Цариград, во познатото Магнаурско училиште. Набргу биле забележани со својата природна надареност и трудољубивост и добиле соодветна научна служба. Св. Методиј бил повеќе години во воена или црковна служба во нашиве краишта околу реката Брегалница (Баргала). Во тоа време биле покрстени повеќе илјади жители од тој крај.
По неколку години св. Методиј се повлекува во манастирот Полихрон, во Мала Азија, подоцна му се приклучува и братот Кирил. Тука во овој манастир започнува всушност нивната духовно научна работа. Преку молитва и пост а врз основа на грчката азбука Светите Браќа ја создале словенската азбука, околу 855-та година и биле преведени поважни делови од Светото Писмо, како и светите богослужбени книги на словенски јазик. Во меѓувреме се укажала потреба за една многу важна мисија меѓу источните народи Хазарите, Сарацените, Арабите и други народи и од житијата на светите браќа се гледа дека тие со успех таму ја ширеле и бранеле христијанската вера.
Во 862-та година Великоморавскиот кнез Ростислав побарал од Византискиот цар Михаил мисионери, кои на разбирлив словенски јазик ќе ја проповедаат Христовата вера, бидејќи во тие краеви доаѓале мисионери кои што им проповедале на великоморавците на туѓ неразбирлив латински и германски јазик. Царот Михаил не се двоумел многу кого да испрати, бидејќи светите браќа веќе доволно биле познати и како научници и како мисионери. Светите браќа најпрво избрале поспособни ученици-соработници, на прво место св. Климент и св. Наум Охридски кои потекнувале од Македонија. Ги подготвиле најзначајните книги и тргнале на големата таканаречена Западна мисија во денешна Чешка и Словачка, за да ја проповедаат Христовата вера на нивен мајчин словенски јазик. Од завист а пред се од политички причини, западните мисионери ги наклеветиле Светите Браќа кај тогашниот Папа Адријан втори дека проповедаат погрешно, и дека проповедаат на непризнат јазик. По сослушувањето Папата со големо задоволство ја одобрил и благословил мисијата на Светите Браќа. Тука биле ракоположени неколку ученици за свештеници, а св. Методиј за Епископ. За жал, од преголема истоштеност и поради болест св.Кирил починал во Рим на 14-ти февруари 869-та година.
Св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија и ја продолжил својата мисија но повторно под тешки услови. Повторно бил наклеветен од страна на западните мисионери кај новиот Папа Јован осми. Св. Методиј бил принуден повторно да оди во Рим и да се правда кај Папата дека правилно ја проповеда Христовата вера. Папата Јован осми го сослушал св. Методиј, ја одобрил неговата мисија и го назначил за Архиепископ на Панонија. Навредени и налутени сега уште повеќе, тројцата епископи Адалвин од Салцбург, Херманрих од Пасау и Ханон од Фрајзинг го извеле св. Методиј пред суд во Регензбург, во 871-та година. Обвинението сега гласело дека тој проповеда на нивен терен. Бил осуден и лежел двеипол години затвор во Елванген, Рајхенау и Фрајзин. По наредба на Папата Јован осми св. Методиј бил ослободен и ја продолжил својата мисија но и понатаму под постјани притисоци и клевети. Поради болест, а веќе и старост св. Методиј се упокоил во 885-та година.
За учениците на Светите Браќа дошле уште потешки времиња, и сите за кратко време биле принудени да заминат на разни страни. Наша среќа е тоа што Светите Климент и Наум Охридски се вратиле во својата татковина Македонија. Тука во Охрид го отвориле првиот универзитет на Балканот за подготвување на свештеници и учители, за целиот тогашен славјански свет. Како што покажува овој кус преглед на трагите од Светите Браќа сосема е јасно зошто се нарекуваат Рамноапостоли. Ја ширеле Христовата вера меѓу сите словенски народи поради тоа се и Сесловенски Просветители. Се сметаат за заштитници на цела Европа, бидејќи во тоа време се движеле низ неа со Христовото Евангелије на мирот и радоста.